CPB

Навивачката група на кк Работнички “CITY PARK BOYS” на Македонската тифо сцена официјално се појавува во 1997 година. Сепак, појавата на навивачкото движење во салата во Градски Парк и поддршката на кк Работнички има своја подолга историја.

Имено кк Работнички уште во времето на настапите во бившата југословенска лига и еврокуповите, ги добива симпатиите на Скопјани кои ја исполнуваат салата во Градски Парк на секој натпревар. Со појавата на навивачкото движење во градот во 80-тите години и формирањето на навивачката група КОМИТИ, групата активно се вклучува и во поддршката на македонската кошаркарска гордост. КОМИТИ го бодрат кк Работнички се до средината на 90-тите години кога доаѓа до преструктуирање на навивачкото движење во градот. Тогаш доаѓа до формирање на навивачката група “CITY PARK BOYS” која се насочува исклучиво кон поддршка на кк Работнички.

Во групата влегуваат момци од целиот град но сепак јадрото го сочинуваат момци од Центар и Карпош. Набргу по своето формирање и дефинирање на членството групата започнува да гради свој препознатлив стил. Се изработуваат одлични транспаренти, барјаци, знамиња на два стапа, излегуваат и првите бар и обични шалови, маици, дуксери, капи... Кореографиите и паролите стануваат задолжителен декор скоро на секоја утакмица.

По својата оригиналност и одлична организација, во тоа време групата претставува вистинска авангарда на Македонската тифо сцена. По годините на апсолутна доминација на кк Работнички и на “CITY PARK BOYS” до израз доаѓаат постојаните несогласувања со управата на клубот кои кулминираат со бојкот на групата. Следуваат две сезони кога групата е во постојани препирки со управата и речиси во постојан бојкот на натпреварите.

Треба да се спомене дека бојкотот трае предолго и доаѓа во доста незгоден период за групата, кај која по 5 годишна експанзија доаѓа и до презаситеност кај постарите членови и до смена на генерации.

Сите овие фактори пред се влијаеа на намалување на бројноста на групата, но и покрај сите негативности кои бојкотот и ги донесе на групата, “CITY PARK BOYS” никогаш не се повлекоа од своите намери да го наметнат своето влијание во клубот и да издејствуваат подобри денови за својот клуб.

Во наредните неколку сезони доаѓа до извесно подобрување на односите со управата на клубот, како и подобрување и консолидирање на организацијата во групата и постепено излегување од кризата. Конечно следи и одлична сезона на групата и на клубот (освојување на 14 титула), сезона која го најави враќањето на групата на старите патеки. И токму кога групата комлетно излезе од криза и ги подобри односите со управата на клубот, дојде до откажување на долгогодишниот спонзор на клубот по што беше доведено во прашање и опстојувањето на клубот. Па така во тој период единствена цел и дејствување на групата беше во насока на изнаоѓање решение за спас на клубот.

Сепак и во најлошата сезона на клубот во својата историја, првичната цел за опстанок во лигата беше остверена уште во првиот дел од сезоната кој и групата го одработи доста солидно. Одкако целта беше остварена, во продолжението на првенството клубот влезе со играчите од младинската школа и без никакви мотиви што се одрази и на групата, но сепак останавме верни и единствени до крајот на сезоната. Во паузата помеѓу двете последни сезони конечно добивме најава за стабилизирање на состојбата во клубот, а тоа беше доволно за конечно да се посветиме на групата. Главен приоритет за новата сезона беше да се подигне бројноста на групата, па така во пресрет на сезоната беше спроведена еден вид мобилизација во сите делови на градот кои од секогаш важеле за бастиони на “CITY PARK BOYS”. Во таа насока беа формирани и повеќе подгрупи, главно по принципот на маалски групации, што се покажа како доста позитивен потег кој го даде својот резултат-полна трибина на секој натпревар.

Првата цел беше остварена ,бројноста беше екстремно зголемена, на нашата трибина се вратија доста стари ликови кои подолго време не беа активни, се појавија многу млади екипи чие време допрва доаѓа. Навивањето и организацијата на трибината од натпревар во натпревар се се подобри и подобри, за да кулминираат на дерби натпреварите кои за прв пат беа организирани во големата арена Борис Трајковски.

Натпреварите во големата арена дефинитивно ја одбележаа сезоната. Беа посебен предизвик за нас затоа што за прв пат играме во сала во која трибината на која бевме сместени е поголема од салата во парк. На тој предизвик одговоривме одлично, се собравме во огромен број, направивме добри кореографии, навивањето беше одлично, дојде до израз нашата одлична организација.

Во текот на сезоната беа одработени и повеќето гостувања од кои за одбележување е најмасовното, она во кавадарци кога дојде до инцидент со полицијата. По судирот со специјалците повеќе наши членови беа повредени и заработија кривични пријави, но и ние не останавме должни. После овој инцидент беше воведена забрана за гостувања.Сезоната ке остане запаметена по одличната организација, многуте кореографии, пароли, беа изработени повеќе транспаренти и барјаци, по подолго време извадивме и два вида шалови... Во соработка со клубот успеавме да отвориме и наш официјален солидно опремен фан шоп.

Општ е впечатокот дека е создадена добра основа за успешно функционирање на групата во наредниот период. Воспоставена е одлична организација и создадена е млада екипа која ветува!!!