Историјат

Најтрофејниот кошаркарски клуб што егзистира на просторот на независна Република Македонија е воедно и најстар. Групата ентузијасти под водство на Славко Матовски уште во 1946 година, како дел од железничкото спортско друштво започнале да навлегуваат во тајните на кошарката, не помислувајќи дека од нив ќе започне ерата на симболот на Македонската кошарка.

Првичните замисли екипата да се пласира во првата сојузна лига не давале плод се до 1953 година кога Работнички за прв пат, но само на една сезона се натпреварува во првата сојузна лига- Исток. Во меѓувреме започнува и тоталната доминација на територијата на Сојузна Република Македонија која резултира со 7 едноподруго титули. Крајот на трофејната генерација значел и низа проблеми со изнаоѓањето на нова шампионска генерација. На неа се чекало цели 8 години, а 3 години по осмата титула се забележува и вториот настап во елитната Прва сојузна лига. Ваквиот успех непрекинато е повторуван се до распадот на поранешната заедничка држава. Доминацијата на домашните терени и забележителните резултати на сојуно ниво се преточувале и во репрезентативни повици на кошаркарите на Работнички, кои во не мал број низ историјата го носеле дресот на Југославија.

Меѓу низата запазени имиња на клубот во тој период, особено се истакнува Благоја Георгиевски кој е еден од ретките македонски спортисти кои се носители на највисоката спортска титула ”заслужен спортист на Југославија”.

Распадот на поранешната држава и осамостујувањето на федералните единици, покрај политички имало и спортски импликации, па така натпреварувањата продолжиле да се организираат на национално ниво. Работнички, во зависност од присуството на доминантни спонзори во своите редови, многу често користел и додавки кон своето име, па така во периодот од 1992 до 1999 настапувал под името Годел Работнички, период во кој се освоени седум титули шампион на Македонија и три пехари во натпреварувањето од националниот куп.

За прв пат без доминантен спонзор клубот настапува во сезоната 1999-2000, што имплицира и организациски проблеми кои пак резултираат со прва сезона без титула имајќи го во предвид поразот во финалето од првенството од гостиварската екипа Николферт. Краткото затишје значело и децениска жетва на трофеи.

Во периодот до 2009 освоени се 11 трофеи (7 првенствени и 4 куп). За стабилноста на клубот тогаш се грижел гигантот Фершпед, чие излегување од клубот го означува и крајот на тоталната доминација на клубот. Во годините што следат помагачите на клубот се менуваат како на филмска лента, а конечна стабилност се овозможува со појавата на Општина Центар како главен спонзор на клубот во 2012 година. Од тогаш па наваму клубот е трансформиран во Акционерско друштво, исполнувајќи ги критериумите на Македонската Кошаркарска Федерација.