Докузовски: Владо е тука за на младите да им ги открие „тајните“ на кошарката!

Докузовски: Владо е тука за на младите да им ги открие „тајните“ на кошарката!

Марин Докузовски, стратегот на Работнички доби ново име во својот тим - Владо Илиевски, искусниот поранешен македонски репрезентативец кој сигурно ќе биде од голема помош за тимот од „Градски парк“. Во редовите на нашиот најтрофеен клуб струмичанецот доаѓа како слободен агент, а претходно настапуваше во Италија каде го носеше дресот на Орландина. Докузовски вели дека е задоволен што Илиевски решил да дојде во Работнички, затоа што младите ќе има од кого да научат за „тајните“ на кошарката.

„Се знаеме со Владо веќе 20 години. Заедно сме минале многу, се познаваме добро и тој доаѓа во Работнички за да ни помогне. Имаме ситуација каде сакаме да правиме нов тим, се фокусираме на младите категории и сакаме да почнеме да произведуваме играчи. Гледате и сами каква е ситуацијата со репрезентацијата, Работнички се фокусира да произведе таленти кои ќе ги наследат квалитетните кошаркари кои си заминуваат. Додека е тука тој ќе работи со нас, ќе тренира, но и ќе им помага на младите. Имаме неколку квалитетни бекови во младинските категории и верувам дека на нив ќе им претставува огромна чест „тајните“ на кошарката да ги научат од кошаркар како Владо. Неговото искуство за нас ќе биде од голема помош, затоа што создававме тим кој е спој на младост и искуство“, се првите импресии на Докузовски.

За Илиевски, Работнички е шеснаесетти клуб во кариерата. Покрај за Орландина, тој во минатото настапуваше и за Цибона, Нимбурк, Цедевита, Локомотив Кубан, Ефес, Олимпија, Тау Керамика, Монтепаски, Болоња, Лотоматика Рома, Барселона, Анталија и Партизан.